Иванов нема да се сретне со Хан, не се знае дали е вратен од Унгарија

Пишува: СДК

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов нема да се сретне со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан кој денеска доаѓа во Скопје на разговори за надминување на кризата, неофицијално дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

Извори од Мисијата на ЕУ во Скопје кои не се овластени да даваат изјави потврдуваат дека засега претседателот Иванов не е во распоредот на серијата средби што комесарот Хан заедно со Хан и тројцата европратеници Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн ќе ги има попладнево во Скопје. Сепак, оставаат резерва дека можеби во вечерните часови ќе се создадат услови за средба со Иванов.

Од Кабинетот на претседателот ги игнорираат повиците на новинарите да кажат дали шефот на државата денеска ќе го прими Хан, како што неофицијално беше најавено вчера. Не се знае ни дали Иванов воопшто е вратен во државата од патот во Унгарија.

Во првата агенда на еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан беше предвиден и термин за средба со новиот претседател на Собранието, но од парламентарното мнозинство велат дека е мала шансата да се закаже седницата на која би бил избран новиот спикер. Извори од парламентарното мнозинство за САКАМДАЖАМ.МК велат дека името на новиот собраниски спикер ќе се утврди пред одржувањето на продолжението на конститутивната седница, неофицијално најавена за утре, така што тешко дека ќе се сретне со Хан.

Хан ќе ги почне средбите со политичките лидери околу 14 часот, а агендата му завршува вечерва со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со кого ќе се сретне откако пред тоа ќе ги ислуша другите лидери на политичките партии што освоија места во новиот состав на Собранието.

Како што најави портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич во петокот, Хан доаѓа во Скопје да ја повтори цврстата порака на ЕУ да се почитуваат изборните резултати и да се овозможи демократските процеси да продолжат и брзо да се формира влада што ќе продолжи да го имплементира Договорот од Пржино.

За денеска во 12 часот, претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски закажа кординација со претставниците на парламентарните партии за утврдување на составот на Собраниската комисија за избори и именувања, откако прaтеникот на СДСМ Оливер Спасовски му ги достави потписите на 67 пратеници за закажување на продолжение на конститутивната седница започната и прекината на 30 декември 2016 година.

No comments

Powered by Blogger.