Лидерот на Исламската држава побегнал од Мосул!


Пишува: Точка

Американски воени функционери пренесуваат дека лидерот на Исламската држава, Абу Бакр Ал Багдади побегнал од Мосул пред ирачките сили да го отсечат патот кон Тал Афар.

Таканаречениот „Калиф“ на Исламската држава, Абу Бакр Ал Багдади наводно побегнал од Мосул оставајќи ги зад себе локалните команданти во борбата со ирачките сили кои што секој ден напредуваат се подлабоко кон централното градско подрачје. Ова е само еден од многуте показатели за влијанието кое што засилениот американски воен ангажман го има во Ирак и Сирија.

Во разговор со новинарите во Вашингтон, високите американски воени функционери откриле дека Багдади го напуштил Мосул пред ирачките сили да ги отсечат сите рути кои што воделе надвор од градот и пред да ги фатат во обрач џихадистите на Исламската држава во самиот град.

„Тој пред офанзивата се наоѓаше во Мосул, но го напушти градот пред да биде отсечена рутата за излез кон Тал Афар“, откриле тие.


Откако што им наредил на своите команданти што да прават во борбата против ирачките и коалициските сили предводени од САД, тој ја напуштил зоната на борбените дејствија.

Багдади токму во Мосул го прогласи „Калифатот“ на Исламската држава во 2014-та година, а две години подоцна токму од Мосул ги повика поддржувачите на ИСИС во градот да го даваат последниот отпор, наместо да се повлечат во тишина. Ирачката војска во октомври минатата година ја започна операцијата за ослободување на Мосул во која што беа вклучени десетина илјади војници, полицајци и сојузнички борци.

После заземањето на источниот дел од градот, ирачките сили се фокуираа на помалиот, но погусто населен западен дел од Мосул. Во текот на изминатите неколку дена беа ослободени низа на квартови во западниот дел, вклучувајќи ја и зградата која што беше седиште на полициската управа, како и музејот во кој што џихадистите уништиле бројни експонати.


Во текот на вчерашниот ден исто така беше заземен озлогласениот затвор „Бадуш“ во кој што џихадистите на Исламската држава погубиле стотици луѓе и ги злоставувале жените припаднички на језидското малцинство.

Според последните информации, деновиве ирачките сили го „прочешлуваат“ и самиот центар на градот, барајќи поставени бомби и останати експлозивни направи. Следен на ред е Стариот град, кварт со тесни улици и збиени куќи каде што се очекува да се водат најжестоките борби.

„Се уште немаме наредба да тргнеме кон Стариот град, но таа наредба наскоро ќе пристигне“, изјавил командант на ирачките сили.

Се верува дека на територијата на градот која што е под контрола на Исламската држава се уште се заробени илјадници цивили. Тие кои што успеале да побегнат од градот сведочат дека џихадистите секој ден биле се поочајни.

No comments

Powered by Blogger.