Побуна во ЕУ: Унгарците, Словаците, Чесите и Полјаците не ја сакаат "шкарт" робата која им ја даваат Германците и Австријците


Пишува: Точка

Унгарија, Словачка, Чешка и Полска на вонредниот самит во Варшава во четврток, на иницијатива на словачкиот премиер Роберт Фицо, ќе бараат итно да се реши проблемот со неквалитетната храна и роба со лош квалитет од Западот кој им се нуди на граѓаните од посткомунистичките земји.

"На тој самит имаме намера да усвоиме декларација, која точно ќе ги опише проблемите со увозот на неквалитетните производи. Сакаме да реагираме на нешто што не можеме да го прифатиме, дека од нас прават граѓани од втор ред. Бараме од Европската комисија да спречи таква пракса", рекол вчера Фицо.




Словачкиот премиер за својот поход против "шкарт" храната со која мора да се задоволат Словаците, додека во истите производи за Австријците или Германците состојките се поквалитетни, има поддршка од претседателите на владите на преостанатите три членки на Вишеградската група, и предупредил дека зборуваат во името на 65 милиони Европејци, граѓани на посткомунистичка Средна Европа.


"Со оглед дека сме дел од единствениот европски пазар и за сите граѓани на земјите од ЕУ би морале да важат истите стандарди, време е како земји од В4 да инсистираме на тоа. Досегашните реакции на Европската комисија не се задоволителни", рекол чешкиот премиер Бохуслав Соботка.


Чешка веќе неколку години, а Словачка од неодамна, прават тестови за производите и робата од продавниците во Германија и Австрија, и ги споредуваат со истоимените производи купени во Словачка. Сите тестови покажале дека составот на производите и робата кои ги купуваат "новите" и "старите" западни Европејци не се исти, и дека на пазарите на посткомунистичките членки имаат полош квалитет и посиромашен состав.


Компаниите досега ги одбивале овие обвиненија и тврдат дека разликата во составот е поради вкусот на потрошувачите. "И моите деца за еден производ, да не го именувам, бараат да го купуваме во Германија, бидејќи е повкусен и поразличен. Децата убаво ја забележаа таа разлика. Оваа ситуација повеќе не смее да се толерира", рекла чешката министерка за труд и социјални прашања, Михаела Марксова.

No comments

Powered by Blogger.