Зошто некои луѓе заболуваат од рак, а други не? Дали е во прашање лоша среќа или нешто друго?

Пишува: Точка

Речиси две третини од мутациите кои предизвикуваат рак се последица на случајни грешки во копирањето на ДНК за време на клеточната делба и невозможно е да се одбегнат со животниот стил, покажува ново истражување на научниците.

Со ова откритие се проценува дека 66 отсто од мутациите на рак се само „лоша среќа“ која не можеме да ја избегнеме. Тоа им оди во прилог на резултатите од претходната контроверзна студија од истите научници, која предизвика многу критики бидејќи се чинеше како да упатува на тоа дека луѓето не можат да направат ништо за да ја избегнат оваа подмолна болест.



Нормалните клетки прават грешки во копирањето

Овој пат научниците од Универзитетот Џонс Хопкинс се потрудиле да докажат дека нивните откритија не се во спротивност со она што го знаеме за превенцијата на ракот.

„Добро е познато дека мораме да ги избегнуваме надворешните фактори како пушење цигари, за да го намалиме ризикот од рак. Но, многу е помалку познато дека нормалната клетка прави неколку грешки секој пат кога се дели и ја копира својата ДНК за да произведе две нови“, рекол биологот Кристијан Томасети, а пренесува британски „Telegraph“.

„Тие грешки при копирањето се моќен извор на мутациите на ракот кои се потценуваат во науката“, додал тој.



Студијата вклучува 68 земји и 32 видови на рак

Кога Томасети и генетичарот Берт Вогелстеин минатиот пат ја проучувале улогата на случајните мутации, биле критикувани дека ги испитувале само податоците од американскиот здравствен систем и дека во студијата не вклучиле некои чести видови на рак.

Поради тоа, овој пат го прошириле истражувањето земајќи медицински податоци од 68 земји за 32 видови на рак.

На пример, кога станува збор за рак на панкреасот, заклучиле дека во 77 отсто во случаите причината била случајна грешка во копирањето на ДНК, 18 отсто биле предизвикани од надворешни фактори, а за преостанатите пет отсто е одговорна генетиката.

Во дури 95 отсто од случаите на рак на простатата, мозокот и коските, причината е случајност, односно грешка во клеточната делба.

Но, има и болести кај кои помала улога има токму „лошата среќа“. На пример, за развој на рак на белите дробови во 65 отсто од случаите, виновници се надворешни фактори како пушењето или загадувањето, а само во 35 отсто е виновна случајноста. Велат дека генетиката не е фактор кај ракот на белите дробови.



Генетиката е виновник за само 5 отсто од случаите на рак

Вкупно, научниците проценуваат дека во 66 отсто од случаите на рак е случајна грешка при клеточната делба, во 29 отсто тоа им се препишува на надворешни фактори, а во пет отсто виновно е наследството, пишува Index.hr.

Авторите велат дека нивните резултати всушност се комплементарни со научниот консензус според кој околу 40 отсто од заболувањата можат да се превенираат.

„Мораме да продолжиме да ги охрабруваме луѓето да ги избегнуваат надворешните фактори и животните стилови кои го зголемуваат ризикот за развој на рак“, рекол Вогелстеин.

„Но, многумина се разболуваат и поради овие случајни грешки. Значи, потребно е да се развијат уште подобри методи за ракот да се открие што порано и така да се лекува од рак“, нагласил тој.

No comments

Powered by Blogger.