Вака производител на авиони го замислува автомобилот на иднината


Производител на авиони за првпат се вмешува во идејата за летечки автомобил. Airbus разви целосен концепт на мобилност во соработка со дизајнерското студио Italdesign. Нивниот Pop.Up е замислен како еден вид јавно превозно средство, коешто пристига до одредиштето по асфалт, по воздушна линија или качено на друго превозно средство, зависно од условите во сообраќајот и изборот на патниците. Идејата можеби и не е толку неостварлива.

Кога сообраќајот ќе заглави, речиси не постои возач што не посакува неговиот автомобил во истиот момент да пушти крила и да полета. Оваа желба на возачите опстојува уште од времето кога индустријата започна со масовно производство на автомобили и светот ги доживеа првите застои по улиците. Постојат бројни ентузијастички обиди за изработка на летечки автомобил, само малку од нив доспеале до позрела фаза од развојот. Поточно, само еден. Сега со оваа идеја за првпат се зафаќа еден специјалист за летање и гигант во аеронаутиката, Airbus. Според замислата на производителот на најголемиот патнички авион во светот, реализирана заеднички со дизајнерското студио Italdesign, сонот за летечки автомобил би можел наскоро да стане реалност.



Нивниот концепт Airbus Pop.Up деновиве доживува премиера на салонот во Женева и претставува прв модуларен летечки автомобил со комплетно електричен погон. Основата на возното-летало или летачкото возило е капсула, на којашто може да се додадат два различни модули со електричен погон – едниот за возење, другиот за летање.



Користењето на капсулата со две седишта, според производителот е мошне едноставно. Pop.Up е еден вид јавно превозно средство во блиската иднина, нешто слично како платформите за заедничко користење автомобил или „car-sharing“, од типот на веќе широко распространетиот Car2Go, со таа разлика што тука не се користи обичен, туку летечки автомобил. Патниците користат мобилна апликација да букираат превоз до потребното одредиште. Централата автоматски го предлага најдоброто транспортно решение, зависно од пресметаното време, густината на сообраќајот, трошоците, потребите, податоците на корисникот… потоа, на капсулата се поставува или возачкиот или летачкиот модул, или пак се предлага капсулата да се „качи“ на некое јавно превозно средство, на пример на трамвај од иднината што е приспособен за тоа.



Капсулата е изработена од карбон, со должина од 2,6 метри, висина од 1,4 метар и ширина од 1,5 метар. Кога таа е поставена врз возачкиот модул, изработен исто така од карбон, системот функционира како градски автомобил со електричен погон. Кога сообраќајот е премногу густ, решението го нуди вториот модул, летечкиот. Тој е составен од осум ротори, со габарит 5 х 4,4 метри. Со летечкиот модул, Pop.Up полетува вертикално и исто така слетува вертикално – управувано целосно од автопилот, што значи дека корисникот нема потреба од пилотска лиценца.



Кога патниците ќе стасаат до нивното одредиште, капсулата самостојно се враќа до најблиската станица, заради полнење на батериите, по што Pop.Up е достапен за следните корисници. Интересна е идејата за поврзување на концептот со јавниот превоз. Замислено е капсулата да се префрлува автоматски од едно на друго превозно средство, при што патниците за сето време остануваат во капсулата. Вештачката интелигенција го избира најдоброто превозно решение и се грижи патниците да пристигнат навреме и безбедно до одредиштето, врз основа на податоците што ќе се внесат преку мобилната апликација.

Идејата се чини премногу футуристичка и неостварлива? Шефот на Airbus го коментира тоа: „Пред сто години, градскиот сообраќај беше преселен под земја, сега имаме технолошки можности да се издигнеме над земја.“ Сега е многу појасно.

Технички податоци за летачкиот модул

Димензии 4403 х 847 х 5000 mm, ротори 4+4, пречник на пропелер 1780 mm
Погон со 8 електромотори со вкупна моќност од 136 kW (185 КС), досег 100 километри, времетраење на полнење 15 минути, капацитет на батерија 70 kWh, максимална тежина на возило 600 kg, крајна брзина 100 km/h
Технички податоци за возачкиот модул

Димензии 3115 х 681 х 1900 mm, тежина 200 kg, крајна брзина 100 km/h
Погон со 2 електромотори со вкупна моќност од 60 kW (82 КС), досег 130 километри, времетраење на полнење 15 минути, капацитет на батерија 15 kWh
Капсула

Димензии 2647 х 1415 х 1540 mm, седишта 2, тежина 200 kg

No comments

Powered by Blogger.