Стивен Хокинг се појави на конференција преку холограм, зборуваше за Трамп, брегзит... (ВИДЕО)

Пишува: МКД

Светски познатиот физичар Стивен Хокинг се појави преку холограм на конференција во Хонг Конг и кажа некои интересни работи за подемот на претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Ме слушате?“, ја праша Хокинг публиката со својот познат компјутеризиран глас. „Да!“, ентузијастички одговорија стотици луѓе собрани на настанот во Научниот парк во Хонг Конг.

Во говорот што траеше повеќе од еден час, 75-годишниот научник зборуваше за широк спектар теми, меѓу кои и за брегзит, Доналд Трамп, животот на други планети и за својот живот и истражување, пренесе Глобал тајмс.



Хокинг рече дека е уверен дека изборот на Доналд Трамп бил дел од серијата „десничарски успеси“, кои може да ја загрозат иднината на научните истражувања.

„Со брегзит и со Трамп... ние сме сведоци на еден глобален бунт против експертите“, рече британскиот научник.

Вселенологот и физичар, кој стана познат по неговите истражувања за црните дупки и теориите за гравитацијата, рече дека преродбата во десничарските политички идеи доаѓа во време кога светот се соочува со многубројни предизвици за животната средина. „Одговорите на овие проблеми ќе доаѓаат од науката и технологијата“, посочи тој.

Говорот на Хокинг содржеше трогателен осврт на неговиот ран живот, како и одблесоци од неговата смисла за хумор.

Зборувајќи за тоа како речиси ја загубил вербата во животот откако му била дијагностицирана невромоторичка болест, но повторно добил поттик да го продолжи своето истражување откако ја запознал својата идна сопруга, Хокинг рече: „Ако сакам да се оженам, мора да докторирам и да се вработам.“

Што се однесува на неговата најпродавана книга „Кратка историја на времето“, тој се пошегува: „Сигурен сум дека сите сте ја прочитале од почеток до крај, па подоцна ќе поставувам прашања.“

Холограмот на Хокинг е создаден од компанијата АРХТ од Холивуд, која своите човекови холограми ги нарекува „хумаграми“. Компанијата претходно направи холограми од ТВ-водителот Лари Кинг, раперот Ноториус БИГ и мотивацискиот говорник Тони Робинс.

No comments

Powered by Blogger.