Трамп отпечатил лажна фактура за НАТО и ѝ ја дал на Меркел

Пишува: МКД

Претседателот проценил колку помалку потрошила Германија на Алијансата во изминатите 12 години, а потоа додал камата.

Ангела Меркел, наводно, ќе ги игнорира обидите на Доналд Трамп да извлече 300 милијарди фунти од Германија за она што тој смета дека земјата го должи од придонесите во НАТО.

Американскиот претседател дури отпечатил „фактура“ со сумата за која неговите помошници процениле дека ги покрива неплатените придонеси на Германија за одбраната.

Потегот на Трамп, кој наводно се случил на приватните разговори во Вашингтон, наиде на критики од германските и претставниците на НАТО.

Иако бројката што им била дадена на Германците не беше откриена од ниедна страна, земјите на НАТО во 2014 година ветија дека ќе трошат два отсто од својот БДП за одбраната, нешто што само мал број земји - меѓу кои и Велика Британија, Грција, Полска и Естонија - во моментов го прават.

Но лажната фактура ретроактивно го опфаќала периодот дури до 2002, годината кога претходникот на Меркел, Герхард Шредер, вети дека ќе се трошат повеќе пари за одбрана.

Наводно Трамп им наложил на помошниците да пресметаат колку германскиот придонес паднал под ветените два отсто во текот на 12 години, а потоа додал камата.

Процените покажуваат дека сумата дошла до 300 милијарди фунти, што е околу 250 милијарди долг и 50 милијарди додадена камата.

Тајмс објави дека еден германски министер го нарекол потегот „срамотен“.

Неименуваниот министер рекол: „Концептот на поставување такви барања е за да се заплаши другата страна, но канцеларката тоа го прими мирно и нема да одговори на таквите провокации“.

Весникот цитира извор близок до Меркел, кој рекол дека таа „ја игнорирала провокацијата“.

Фактурата следува по катастрофалната средба помеѓу двајцата лидери месецов, кога Трамп одби да се ракува со Меркел.

Еден ден по средбата, Трамп напиша на Твитер: „И покрај тоа што вие го слушнавте од ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ, јас имав ОДЛИЧНА средба со канцеларката Ангела Меркел. Сепак, Германија им должи... огромни суми пари на НАТО и на САД, кои треба да се платат за моќната и многу скапа одбрана што ѝ ја даваат на Германија!“

Како одговор на ова тврдење, министерката за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лајен, ја отфрли идејата дека европската држава им должи на САД или на НАТО.

No comments

Powered by Blogger.