Турска министерка спречена да влезе во конзулатот во Ротердам, Анкара возвраќа со иста мерка

Откако холандската полиција ја задржа и ја попречи турската министерка за семејство и социјални политики да влезе во турскиот конзулат во Ротердам, каде што требаше да се сретне со сонародници кои живеат во Холандија во рамките на кампањата за референдумот, официјална Анкара ги блокираше сите приоди кон зградата на холандската амбасада и му порача на амбасадорот „извесно време да не се враќа“ на должноста, пренесуваат медиумите за најновата дипломатска криза меѓу Турција и земја членка на Европската унија.



Министерката за семејство и социјални политики Фатма Бетјул Сајан Каја, која престојуваше во Германија, се реши да патува за Холандија со автомобил, откако холандските власти претходно го оневозможија слетувањето на авионот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Холандските телевизии емитуваа снимки на кои се гледа дека полицијата на министерката Каја ѝ го попречува влегувањето во турскиот конзулат. Исто така, новинарите на агенцијата Anadolu и на телевизијата TRT беа пресретнати во предградие на Ротердам и со полиција беа спроведени до границата со Германија, од каде што влегоа во Холандија за да ја следат посетата на министерката.

Пред зградата на конзулатот се собрале неколку стотици демонстранти со турски знамиња барајќи да ја видат министерката, а полицијата подигна метални огради и патролира на коњи. Според последните извештаи, пак, бројот на демонстрантите се зголемил на две илјади.

Турското министерство за надворешни работи веднаш објави дека не сака да се врати холандскиот амбасадор во Турција со што се заострува дипломатскиот спор меѓу двете земји кои се членки на НАТО.

Турските власти ги блокираа пристапите до зградата на холандската амбасада во Анкара, и на конзулатот во Истанбул „од безбедносни причини“, соопшти турското министерство за внатрешни работи.

„Холандија ги крши сите меѓународни закони, конвенции и човекови права со недозволувањето да влезам во конзулатот“, напиша на Twitter министерката Каја.

Германија, Холандија, Австрија и Швајцарија одбиваат на своја територија да им дозволат на турските министри да учествуваат на собирите за поддршка на уставните реформи за кои ќе се гласа на референдум, а се однесуваат на зголемување на овластувањата на претседателот на државата.

Поради тоа, официјална Анкара ги обвини овие земји дека спроведуваат „злосторства против човечноста“. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган веднаш откако на шефот на дипломатијата му беше оневозможено да слета во Ротердам, од Истанбул порача дека „тие не знаат ниту што е политика, ниту што е меѓународна дипломатија“, нарекувајќи ги холандските

власти „остатоци од нацисти и фашизмот“, а претходно одлуката на Германија ја спореди со нацизмот.

Франција не ги забрани тавите настапи на турските политичари, па во саботата вечерта слета во Метц, на истокот од земјата, каде што во неделата ќе се одржи собир на повик на локалниот огранок на Унијата на европските турски демократи (EUTS).

Ален Картон, висок функционер на префектурата Моасеј, појасни претходно дека локалното турско здружение за таа цел го изнајмила конгресниот центар. Картон додаде дека француското министерство за надворешни работи го дозволило доаѓањето на турскиот министер во Франција, а префектурата е задолжена за безбедност на настанот.

Во Германија и во Швајцарија последните неколку дена беа откажани неколку собири на Унијата на европските турски демократи (EUTS). Германскиот уставен суд пресуди дека турските владини функционери не можат да се повикуваат на германските уставни права за да влезат во земјата поради политички собири.

Швајцарските безбедносни власти го отфрлија барањето на кантонот Цирих да ја забрани посетата на турскиот министер за надворешни работи, истакнувајќи дека не постои безбедносна закана која би го оправдала ограничувањето на слободата на изразувањето.

No comments

Powered by Blogger.