За новиот Луна парк ќе се уништат 59.000 квадратни метри зеленило од Градски парк

Напиша: СДК

Новиот Луна парк ќе има површина три ипол пати поголема од сегашниот, поради што ќе биде одземено зеленило на 59 илјади квадатни метри од Градски парк. Ќе се гради на истата локација која ќе биде проширена, а поради тоа ќе се намали зелената површина на вториот дел на Градски парк. Одземена од Градски парк ќе биде зелената територија околу сегашната локација на Луна парк, кој има површина од 25.000 квадратни метри.

„Со проектот за градежни работи треба да се изведе партерно уредување на надворешна инфраструктура во забавниот парк и изградба на придружни објекти, влезен портал, гардероби, работилница, магацини и тоалет. Реконструкцијата на градскиот забавен парк треба фазно да се реализира и во оваа фаза работите и инсталирањето на седумте реквизити треба да завршат за шест месеци. Според Деталниот урбанистички план , парцелата на забавниот парк е на исто место како ’Луна паркот’, а има површина од 84.040 квадратни метри. Останатите фази треба да се завршат до крајот на 2018 година. Финално забавниот парк ќе има два адреналински, шест семејни и осумнаесет детски реквизити. За секоја фаза Град Скопје ќе обезбеди средства од сопствениот буџет“, велат од Град Скопје кој е инвеститор на новиот забавен парк откако обидите да најде партнер за обновата завршија без успех.

Од Градот не даваат прецизно објаснување за тоа кои делови од вториот дел на Градски парк ќе бидат пренаменети во Луна парк ниту пак детално ги опишаа границите на сегашните градежни активности.

Според Деталниот урбанистички план, парцелата на забавниот парк е на исто место како Луна паркот, а има површина од 84.040 квадратни метри. Останатите фази треба да се завршат до крајот на 2018 година. Финално забавниот парк ќе има два адреналински, шест семејни и осумнаесет детски реквизити, а ќе чини околу 4 милиони евра (Фото: Ѓ. Личовски)

Новиот Луна парк ќе се гради по идеен проект изработен од „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје. Ќе го гради фирмата „Жикол“ одбрана на јавен оглас минатата година. „Жикол“ доби рок од 22 месеци за завршување на градежните работи за 1,6 милиони евра. Реквизитите ќе ги набават и ќе ги монтираат фирмите „Боминг Оливер“ и „Ивама трејд“ за вкупна цена од 130.485.698 денари со ДДВ, односно 2,1 милиони евра.

За шест месеци треба да бидат монтирани првите седум реквизити во новиот забавен парк. Во текот на реконструкцијата, во интерес на безбедна и квалитетна изведба на градежните работи и инсталацијата на новите реквизити, од Град Скопје најавуваат дека останатите содржини нема да бидат во функција на надворешните корисници.

Во 2011 шпанската фирма „Идом“, која Градот ја ангажира да направи проект за обнова на Луна паркот, им предложи два проекти. Едниот предвидуваше нови сдоржини на сегашната локација од 25.000 квадратни метри и како поевтина варијанта претпоставка беше дека ќе чини 12 милиони евра и ќе има 40 детски реквизити, а вториот предлог бил да се гради на површина од 40.000 квадратни метри за што би биле потребни 18 милиони евра. Во истиот момент кога Шпанците ги предложиле двете варијанти на градските власти им укажале дека и двете се многу скапи, па поради тоа е можно да нема заинтересирани приватни партнери.


Градот не најде партнер, па откако пропаднаа неколку меѓународни тендери одлучи од сопствениот буџет да го обнови Луна паркот, а направи и нов проект (Фото: Ѓ. Личовски)

Градот не најде партнер, па откако пропаднаа неколку меѓународни тендери одлучи од сопствениот буџет да го обнови Луна паркот, а направи и нов проект.

Градскиот Парк го изградиле Турците, на крајот од 19. век во време на скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша. Тој ги изградил и зградите на Идадија и Ислахана, како и Телеграфската станица и Вилаетскиот конак, а ги регулирал и теченијата на реките Вардар и Серава. Го дизајнирале архитектите на Хафиз Мехмед-паша и долги години бил познат под името Ислахански парк.

Двете училишта – Ислахана и Идадија се наоѓале едно до друго, обете во непосредна близина на паркот. Во тоа време, сѐ до почетокот на 20. век, на брегот на Вардар во делот на Ислаханскиот парк работела и воденица. Дебар Маало и просторот на кој денес се наоѓа зградата на Владата биле бавчи.

После земјотресот беше проширена Зоолошката градина и влезот од аголот на улица Алберт Ајнштајн преселен на денешно место, на булевар Илинден. Некои сѐ уште го паметат стариот, мал забавен парк (кој се наоѓаше зад денешниот хотел “Канет”). Малку подоцна, израсна новиот, голем забавен парк со новото летно кино. Со тоа практично започна проширувањето на паркот и на просторот кон мостот Октомвриска Револуција, удвојувајќи ја површината.

Но, во годините што следеа, паркот почна да се стеснува. Првин беше покриен и проширен Градскиот стадион. Потем дојде комерцијализацијата на просторот во и околу стадионот, и пуштање во отворен сообраќај на сообраќајницата околу стадионот, па изградба на огромен станбено-деловен блок кој се градеше како дивоградба и го доби името Кинески ѕид. Откако изминативе петнаесетина години просторот во и околу Забавниот парк почна да се издава на кафеани и диско-клубови, не само што ноќе има стотици и стотици посетители, туку тие доаѓаат со безбројни автомобили и паркирањето е хаотично, а загадувањето големо.

No comments

Powered by Blogger.