(ВИДЕО) 360° Јошевска-Анастасовска: Финансиските истраги во СЈО се подолги бидејќи вештаци и институции одбиваат соработка


Во дебата за „360 Степени“, адвокатката и советник во СЈО, Сузана Јошевска-Анастасовска зборуваше за проблемите со кои се соочува СЈО при водењето финансиски истраги.
– Финансиските истраги по природата на работата траат малку подолго затоа што прибирате многу голема книговодствена документација, и тоа се брои во кутии и купишта хартија, која понатаму, не само што треба да се анализира за да се одвои што е што, туку треба да се повикуваат и вешти лица коишто треба да дадат соодветни сознанија на јавните обвинители, бидејќи обвинителите не се економисти.

Потребно е време за самото вештачење, но во конкретните случаи, потребно е и време да се најде вештак, бидејќи многу вештаци одбиваат да соработуваат. Барањата коишто ги доставува СЈО се враќаат и тешко се наоѓа вештак кој ќе се нафати да го работи тоа.


Да погледнете визуелно како изгледа во една просторија во СЈО кадешто се прибира целата оваа документација, тоа се буквално, кутии, кутии хартија. Тоа, инаку, се прави смислено, од страна и на институциите, и на книговодствата на овие фирми, и е позната техника, да ве затрупаат со документи за да не го видите битното од небитното. Значи, бара време за целото тоа да се прочешла. И за да ја приберете документацијата во основа бара време. Знаете дека СЈО мораа со налог да влегуваат во Централен регистар. Има лоша комуникација со сите органи во државата, сега е малце таа подобрена, но во принцип се чека последниот ден од законскиот рок од 30 дена за да се одговори, и, по мои сознанија, никогаш не се одговара од прва, туку во 30-от ден на институцијата и станува јасно дека нешто не и е јасно, па праќа известување од типот – вие го барате ова, но мене не ми е јасно што точно барате. Или доставува парцијална документација па морате прво да ја видите за да видите што недостасува и тоа се финти за да се троши времето. Тие и по природата на работата се долги, но во конкретниот случај два пати, или три пати се подолги поради сите овие проблеми што ви ги набројав – рече Јошевска-Анастасовска.

No comments

Powered by Blogger.