Американски командант ја откри вистината за војната против ИСИС: Секој ден е сè потешко и потешко...


Веќе неколку месеци трае опсадата на ирачкиот град Мосул кој што е под контрола на џихадистите на Исламската држава, но напредуањето на ирачката армија и сојузниците тече доста бавно.

Исламската држава ќе се бори до последната капка крв во Мосул кој и натаму е под контрола на џихадистите, и покрај големите загуби кои што генерално ИСИС ги претрпи во Ирак, призна американскиот генерал Патрик Ворк.

„Овде секој ден е сè потешко и потешко“, изјави генералот на американските вооружени сили кои што се распоредени на позиции југоисточно од ирачкиот град Мосул.

„Кога се борите, нема никакви гаранции или стабилен временски план. Ние се соочуваме со многу одлучен непријател“, призна генералот Патрик Ворк



Американците им даваат копнена и воздушна поддршка на ирачките и курдските вооружени сили кои што се обидуваат да ја поразат Исламската држава и да го ослободат Мосул, најголемото упориште на Исламската држава во Ирак, град кој е под контрола на џихадистите од 2014-та година.

Големата офанзива на ирачката армија и сојузничките сили беше сопрена во текот на минатиот месец после заземањето на неколку квартови источно од реката Тигар која што го дели овој ирачки град.

Според последните информации од терен, моментално во ек се подготовките за напад на западниот дел од градот, а таа операција се очекува да биде значително потешка поради густо населените квартови и тесните улици по кои што не можат да се движат тенковите и другите оклопни возила.



Од големата џамија сместена во западниот дел на Мосул, првиот човек на најозлогласената терористичка организација на светот - Исламската држава, Абу Бакр Ал Багдади прогласи Калифат на ИСИС составен од освоените територии во Ирак и Сирија.

Многумина веруваат дека кога ќе падне Мосул, тогаш ќе започне и падот на Исламската држава, но сепак аналитичарите предупредуваат дека паѓањето на Мосул може да ги натера џихадистите да започнат една многу поопасна, герилска војна во сите делови од Ирак и Сирија.

No comments

Powered by Blogger.