Подземната држава Виетнам: Овие мрачни тунели однеле десетици илјади животи на американските војници


Историскиот комплекс кој што е отворен за посетителите е составен од тунели со вкупна должина од 120 километри, а располага и со стамбени простории, кујни, складишта, магацини за муниција, болница и команден центар.

Тунелите наречени „Ку Чи“ во Виетнам ја претставуваат една од најкомплексните мрежи на тунели во светот. Се наоѓаат во истоимената област во дистриктот Хо Ши Мин и се дел од една многу поголема мрежа која што била распространета речиси низ целата територија на Виетнам.

Мрежата била ископувана цели 25 години, почнувајќи од крајот на четириесетите години на 20-тиот век, па низ целата војна за независност од француското колонијално владеење. За време на војната против САД, мрежата на тунелите била проширена и подобрена со воведување на ефикасен систем на вентилација.



Токму овие тунели се покажале како клучното оружје на Виетнамците кои што преку нив им нанесувале огромни загуби на Американците. Бунтовничката организација Народен фронт за ослободување на Виетнам, попозната како Виетконг, ги користела тунелите за време на војната против САД за напади од заседа, но и за комуникација, снабдување со оружје, како и за сместување на голем број на борци.



Историскиот комплекс кој што е отворен за посетителите е составен од тунели со вкупна должина од 120 километри и располага со голем број на дополнителни простории и стамбени објекти.

За време на војната против САД, војниците најголемиот дел од времето го поминувале во тунелите работејќи, а нападите ги изведувале навечер. Целата мрежа на тунели била преполна со замки со експлозив кои што ги спречувале Американците да ги испратат дури и најелитните специјални единици за „чистење“ на тунелите.



Токму оваа мрежа на тунели најмногу ги фрустрирала Американците, затоа што Виетконг преку тунелите диктирале каде и кога ќе се водат битките. Со оглед на тоа што американските единици претежно се потпирале на воздушните напади со напалм бомби, Виетконг сфатиле дека единствениот против-удар на противникот можат да му го нанесат само ако се сокријат под земјата.



Иако имало повеќе обиди за инфилтрација во тунелите од страна на американските и австралиските војници, ниту еден обид не поминал успешно. Исклучително интелигентниот дизајн на тунелите - стратешката употреба на лажни врати, експлозив и други механички замки правеле американската технологија да биде целосно неефикасна.



Американската специјална единица наречена „Глувци за тунели“ имала убедливо најголем број на загуби од сите американски единици кои што учествувале во војната во Виетнам. Овие тунели биле пресудниот фактор кој ја пролонгирал војната, го зголемил бројот на жртви на американската страна и довел до конечно повлекување на Американците во 1975-та година.



No comments

Powered by Blogger.