Уште еден непријател на Путин на смртна постела: Постои сомнение дека е отруен, а неговата последна порака можеби укажува на убиец

Неговата сопруга Евгенија порачала дека симптомите кои сега ги има се слични на оние кои ги имал пред две години, кога постоело сомнение дека е отруен.

Истакнатиот критичар на Кремљ бил пренесен во болница по откажување на органите, откако пред само две години речиси да умрел од труење.

Владимир Кара-Мурза, кој работи за продемократската група "Отворена Русија", е сместен на интензивна нега во Москва.

Активистот и новинар претходната вечер ја минал со семејството на својата сопруга, пренесува Independent. Неговата сопруга Евгенија порачала дека симптомите кои сега ги има се слични на оние кои ги имал пред две години, кога постоело сомнение дека е отруен.


"Неговите лекари ја опишуваат неговата состојба како критична. Има низок крвен притисок, тешко дише, а што е причина за тоа засега не е јасно", истакнала таа.

Во интервјуто за BBC таа истакнала дека моментално е на апарати и во вештачка кома.

Овој 34-годишен маж последните недели го промовирал документарниот филм за својот пријател Борис Немцов, политичар на либералната опозиција, кој бил убиен во 2015. година во близина на Кремљ.

Ден пред да му се слоши, Владимир му оддал почит на Немцов преку Фејсбук.



Причината за неговата болест во 2015. година никогаш не била потврдена, иако тестовите потврдиле дека проголтал отровна супстанца. Тогаш престојувал во болници во Москва и САД цели два месеци, додека не заздравил. Тој истакнува дека пред години сигурно бил отруен.

"Бев здрав маж и наеднаш сите главни органи ми откажаа во рок од 24 часа. Тоа не се случува", рекол тој.

Потсетуваме, ова не е прв пат критичари на политиката на Путин да бидат отруени или во одредени случаи - убиени.

Американскиот новинар и уредник на рускиот Forbes, Пол Клебников, бил убиен со митралез пред својата канцеларија во Москва во 2004. година. Клебников бил убиен на 41. година, течно зборувал руски јазик, а бил познат по истрагите за корупција и за сомнителните бизниси.


Ана Политковскаја, новинарка и остра критичарка на Кремљ била убиена на 48 години пред влезот во својата зграда во Москва во 2006. година. Била позната по извештаите за кршењето на човековите права во Русија, посебно во Кавказ. Нејзините приврзаници уште се сомневаат дека станува збор за политичко убиство.


Александар Литвињенко, поранешен агент на КГБ, умрел откако бил отруен со радиоактивен полониум - 210. Наводно две лица од Руската служба за разузнавање ставиле изотопи во неговиот чај кога се сретнале во лондонски хотел.

No comments

Powered by Blogger.