Минута која ќе ви го промени животот: Јапонски лек за најголемата „болест“ на денешницата

Во човечката природа е да поставуваме цели. Помали, поголеми, поедноставни или по комплицирани, понекогаш и недостижни. Но, сакаме да се надеваме, сакаме да веруваме дека можеме да усвоиме нови навики, да постигнеме одреден напредок и да го направиме животот онаков каков што сме го замислувале во нашето идеално сценарио.

И кога конечно ќе започнеме со тоа и ќе вложиме напор, на виделина обично излегува онаа другата страна која ја има секој од нас. На сцена настапува мрзливоста, откажувањето, стравот од промени и чувството на товар и одговорност кои сами сме си ги натовариле на грбот. Тогаш сето тоа ни се чини премногу и сметаме дека најдобро (или наједноставно) е да се откажеме.

Но, во Јапонија не се предаваат така лесно пред самите себе. И затоа во нивната култура е препознатлива техниката наречена „Каизен“.



Таа е заснована на принципот „една минута“ и суштината на оваа метода лежи во идејата дека секој ден ни е доволна само една минута за да ги промениме своите навики и да го подобриме нашиот живот. Клучот е во тоа што „револуционерната“ минута треба да биде секој ден во исто време. Една минута за правење промени? Звучи невозможно, но е доволно временски безначајна, што никој од нас нема оправдување за да не се обиде да ја примени оваа метода.

Значи, не е важно дали, на пример, секој ден во 7 часот наутро ќе правите склекови, ќе прочитате една страница од книга на странски јазик или само длабоко и мирно ќе дишете – Јапонците се уверени дека оваа метода ќе ја претвори вашата нова мала рутина во активност која ќе ви причинува среќа и задоволство. Со ситни чекори ќе напредувате кон само-подобрување и ќе остварите одлични резултати.



Но, имајте на ум дека кога ќе сакате да остварите одредена цел, важно е да го надминете чувството на недоверба кон самите себе и своите способности. Она што е најважно за да сфатите дека сте се помрднале од мртва точка е самиот факт што воопшто сте започнале со тоа. Охрабрени од тоа знаење, со тек на време ќе почнете да ја продолжувате вашата „минута за промена“ и таа ќе стане сè позначајна.

Оваа техника која се состои од два збора - "kai" (промена) и "zen" (мудрост) – ја смислил Масаки Имаи, теоретичар за однесување во организација и советник за менаџмент. Тој верува дека оваа филозофија подеднакво е успешна и применлива во бизнисот и во приватниот живот.

No comments

Powered by Blogger.