Германски аналитичар: Ако ЕУ се распадне, ова ќе се случи на Балканот


Европската унија конечно мора да сфати дека Балканот е нејзин приоритет и не смее да го препушти на САД, Русија или Турција, смета германскиот колумнист за "Zeit", Улрих Ладурнер.

Ладурнер во својата колумна пишува дека, доколку Европската унија се распадне, тогаш тоа ќе се случи таму каде што таа е најслаба, односно на Балканот, каде што од надвор, на Унијата делуваат најмоќните светски сили. Според него, со распадот на ЕУ, големите светски сили ќе воспостават влијание на Балканот.

„Намерно избрав една таква моќна слика, сакав да го привлечам вниманието на јавноста кон Балканот. Имам чувство дека во овој момент, таму нешто се подготвува од најразлични причини. Секако дека сите земји таму не се членки на Европската унија, но мојата аргументација е јасна - тоа е дел од Европа и мора да остане дел од Европа. И тоа јасно треба да се сигнализира“, изјави Ладурнер во интервјуто за „Дојче Веле“.



На констатацијата дека за Европската унија, Балканскиот полуостров не е приоритет, авторот вели дека имало многу други кризи, на кои што Европската унија морала да обрати внимание.

„Политиката беше во константен кризен модус, а за решавањето на проблемите на Балканот потребна е голема концентрација, но и издржливост и упорност. Во тоа ЕУ не успева затоа што и самата Унија се бори за преживување. Дополнителен проблем е тоа што на Балканот, со текот на времето се формираа структури кои што одбиваат да направат реформи и сега тешко е да се разбијат“, вели Ладурнер и додава дека сите треба да се сетат на деведесетите години од минатиот век.


„Балканските војни се завршени благодарение на американските интервенции и ангажманот на администрацијата на Бил Клинтон. Европејците не мрднаа со прст ниту во Босна и Херцеговина, ниту на Косово. Не можам да замислам дека Доналд Трамп денес воопшто се интересира за Балканот“, порача германскиот познат колумнист.

Поради тоа, Европската унија има одговорност да се погрижи за тој регион, а тоа е во најголем интерес на самата Унија.

„Балканскиот полуостров не смее да им биде препуштен на другите. Ниту на Американците, ниту на Русите“, порача колумнистот на "Zeit".

No comments

Powered by Blogger.