ДУИ донесе одлука: Заев ќе ги добие потписите, за коалиција ќе се преговара


Доцна вечерва од седиштето на Демократската унија за интеграција пристигна потврда дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе ги добие потребните потписи за добивање на мандат за формирање на Влада.

Откако цели десет часа се преговарало на централното претседателство на партијата во Мала Речица, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи со огласи доцна вечерва и потврди дека Зоран Заев ќе ги добие 10-те пратенички потписи.

Бујар Османи, меѓу другото, порача дека потписите лидерот на СДСМ ќе ги добие за да не се губи време, а допрва ќе се размислува за формирање на Влада.

„Преговорите за Влада ќе продолжат, потписите не значат и дефинитивно дека ќе се формира Владата, но ќе има преговори со СДСМ. Потписите ги даваме за да ги запазиме роковите и за да не се губи време“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Во текот на овој викенд во ДУИ ќе се преговара дали ќе бидат дел од новата Влада која што ќе ја предводи Зоран Заев и СДСМ, или пак партијата ќе се повлече и ќе делува од опозиција. Според последните најави, ДУИ ќе ја открие конечната одлука во понеделник.

No comments

Powered by Blogger.