Кралица на пустината: Некогаш ловела антилопи, а денес лови терористи

Кога седум жени и девојчиња биле киднапирани и одведени длабоко во шумата Самбиса, Ајша Бакари Гомби била повикана од воен командант, кој побарал од неа да собере ловци за да ги пронајдат.

Девојчињата исчезнале откако припадниците на исламистичката група Боко Харам го нападнале нивното село, убиле три лица и палеле автомобили, куќи и продавници.

Селото Дага се наоѓа на половина час возење од Чибок, село во кое во април 2014-тата година биле киднапирани повеќе од 200 ученички. Двете села се во регионот Борно, на североистокот на Нигерија, кој често е мета на оваа терористичка група.

Бакари Гомби растела во близина на шумата Самбиса, каде екстремистите и натаму делуваат, и покрај воената офанзива во која минатата година биле уништени голем број од нивните логори. Некогаш со својот дедо ловела антилопи, а денес ги лови припадниците на Боко Харам.



За таа цел, војската регрутирала илјадници ловци, но таа е една од малкуте жени. Поради својата храброст станала херој во очите на ловците и локалното население, а го добила прекарот "Кралица на ловците".

Првата мисија за спасување на киднапираните од селото Дага пропаднала, "затоа што борците на Боко Харам биле тешко вооружени", објаснила Бакари Гомби следниот ден. "Но, видовме каде ги чуваат девојките. Би можеле да ги ослободиме доколку војската ни обезбеди подобро оружје", рекла таа, анализирајќи ја двоцевката во своите раце.

Иако муслиманка, оваа жена, како и многу жители на селските области во североисточна Нигерија, верува и во традиционалните духови и редовно го применува обредот на прскање на соборците со течност од тајни состојки, која наводно ги штити од куршуми.

38-годишната Бакари Гомби командува со мажи на возраст од 15 до 30 години, со кои комуницира на таен јазик, со животински звуци и песна на птици.



"Боко Харам ме познава, и се плаши од мене", вели таа.

Војската на Нигерија почнала да регрутира жени во 2011-тата година, а иако ги нема многу, во овој регион тие се пријавуваат од различни причини. Една од нив е Хамсат Хасан, чија сестра била киднапирана од Боко Харам пред две години.

"Не знаев да пукам кога се пријавив во ловечкото здружение на Гомби, но знаев дека сакам да се одмаздам", вели таа.

Кога ја повикуваат, веднаш трга во лов, а за тоа време, нејзините 7 деца ги чуваат нивните баба и дедо.

Повеќето припадници на нејзината група се доброволци, кои вршат и други работи. Бакари Гомби и Хамсат Хасан се во група од 228 ловци, кои локалната влада официјално ги регрутирала минатата година.



Меѓутоа, во октомври минатата година, прекината била исплатата на платата од 25 фунти. Два месеци подоцна повеќето припадници од тимот се откажале, но некои, меѓу кои Бакари Гомби и Хамсат Хасан, и натаму останале посветени на борбата.

Во недостиг на средства, здружението на ловци тешко излегува на крај со големите закани.

Финансиски тешкотии, меѓутоа, не ги мачат само нив. Во декември минатата година, група нигериски војници поставиле видео на ЈуТјуб, во кое барале опрема, храна и вода.

Војската е соочена со скандал поради корупција на највисоко нив. Поранешниот државен советник за безбедност Самбо Дасуки ќе одговара пред суд затоа што наводно украл две милијарди евра наменети за купување на оружје во борбата против Боко Харам.

"Чекам овластување да се вратам да ги спасам жените и децата од Дага, но не знам дали ќе добиеме оружје", вели Бакари Гомби. Додава дека ќе продолжи да се бори за Боко Харам да исчезне од шумата покрај која растела.

No comments

Powered by Blogger.