"Дојде време": Трамп им поставил услови на сојузниците, Меркел веднаш одговорила


Мајк Пенс, американски потпретседател, денес во Минхен изјавил дека САД ќе бидат "непоколебливи" во поддршката на НАТО и ја сметаат Русија одговорна за состојбата во Украина.
Мајк Пенс така ги смирил европските сојузници кои биле загрижени по изјавите на Доналд Трамп, дека НАТО е "застарен" и дека сака да ги подобри односите со Москва.

"Претседателот Трамп ви порачува: САД ќе бидат цврсти во потпората на Сојузот", рекол Пенс пред европските лидери собрани на безбедносната конференција во Минхен.

"И денес и секогаш САД ќе бидат ваш најголем сојузник. Трамп и американскиот народ во целост се предадени на нашата трансатлантска унија", додал Пенс пред светските и европски лидери, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел.

Сепак, вториот човек на САД останал на тоа дека европските сојузници мора да го зголемат издвојувањето на средства за одбраната до предвидените 2% од БДП.


"САД очекува од сојузниците од зборови да преминат на дела. Дојде време да се направи повеќе", порачал американскиот потпретседател.

Покрај САД, само четири членки на Сојузот ја исполнуваат целта поставена на самитот во Велс во 2016. година. "Неуспехот во остварувањето на таа цел ја поткопува нашата колективна одбрана", предупредил Пенс.

Изнесувајќи ја надворешнополитичката и безбедносна стратегија на новата американска администрација, Пенс рекол дека Вашингтон "и натаму ја смета Русија одговорна" за ситуацијата во Украина, иако Трамп се обидува со неа да "најде нов заеднички јазик".

Москва мора да го почитува договорот за примирје во Минск и да престане со воените операции на истокот на Украина, истакнал Пенс.


Исто така рекол дека САД ќе направи се за Иран никогаш да не дојде до нуклеарно вооружување, иако по договорот со светските сили во 2015. година се "ослободил од капацитетите" за тоа.

"Под водство на Трамп, САД во целост е посветен на тоа Иран никогаш да не дојде во посед на оружје со кое би можел да биде закана на нашите сојузници во регионот, посебно Израел", нагласил Пенс.

Трамп неодамна наредил војската да направи план за победа над ИСИС, која Пенс ја нарекол најлоша од сите терористички организации, чии ѕверства не се видени уште од средниот век.

"САД константно ќе се бори да ги прати во минатото, таму каде што припаѓаат", рекол Пенс.


Меркел: НАТО е потребен поради руската агресија и глобалниот тероризам

НАТО е во интерес на Германија и Европа, но и во интерес на САД, изјавила германската канцеларка Ангела Меркел, и додала дека трансатлантскиот сојуз е потребен за да се сопре руската агресија и да се победи глобалниот тероризам.

"Главното прашање е дали сме способни да делуваме заедно или повторно ќе паднеме во тесноградна политика", рекла Меркел, очигледно алудирајќи на слоганот на американскиот претседател Доналд Трамп - "Америка на прво место".

"Со светот не може да управува една сила...Ве повикувам да се држиме заедно и да создадеме подобар свет", апелирала канцеларката на собирот на светските лидери.


Истакнала дека Европејците не можат сами да се борат против меѓународниот тероризам и дека им е потребна "силата на САД" поради заштита на своите граници.

"Но, дел од таа коалиција мора да бидат и муслиманските земји кои единствени можат да ги убедат своите граѓани дека не е проблемот во исламот како таков, туку во исламот сфатен на насилен начин", рекла Меркел.

Првата жена на најголемата европска економија и еден од најголемите сојузници во НАТО, ветила дека Берлин ќе ја исполни својата обврска со 2% од БДП за одбрана. "Ќе направиме се да го исполниме тоа ветување", рекла претседателката на германската влада, која на војска моментално троши 1,2 % од БДП.

Меркел повторно се заложила за воспоставување на европски одбранбени сили кои не би биле конкуренција на НАТО, туку би биле компатибилни со Алијансата.


"ЕУ е во тешка ситуација, наскоро нема да бидеме 28, а преостанатите 27 мора да ги убедиме нашите граѓани дека сме во состојба да ги обезбедиме надворешните граници и внатрешната безбедност", рекла таа.

Зборувајќи за Русија, канцеларката рекла дека Европа во 25 години не успеала да воспостави трајно стабилни односи со Москва, но дека тоа е цел од која нема да се откаже.

Додала дека е разочарана што договорот од Минск не се почитува, но тој останува канал за комуникација со Москва, која со анексијата на Крим го прекршила меѓународното право.

"Нема никогаш да престанам да се заложувам за подобри односи со Русија. Имаме заеднички интереси во борбата против тероризмот и на тоа треба да работиме", истакнала Меркел.

Запашана за тоа што мисли за нападите на некои медиуми на администрацијата на Трамп, рекла дека слободата на медиумите е еден од темелите на демократијата.

No comments

Powered by Blogger.