Руското чудо како од научно-фантастичните филмови: Погледнете како изгледа Командниот центар на руската армија


Националниот Команден центар на Министерството за одбрана на Русија, односно како што многумина велат - „Рускиот Пентагон“, е опремен со најсовремена технологија и потсетува на сцена од научно-фантастичните филмови.

Центарот е опремен со 2 илјади камери, повеќекратен систем за проверка и суперкомпјутер кој ги предвиува исходите на идните воени операции.

Руската новинска агенција Russia Today на чии што новинари им беше дозволено да го посетат и снимат центарот, вели дека странските агенти би уживале доколку би влегле во националниот центар за одбран кој ги контролира сите активности на руските вооружени сили.

Центарот инаку е сместен во едно импресивно здание на брегот на реката Москва.

„Биометриски уред ги скенира вените на вашата дланка, а кога ја минувате капијата се мери и вашата тежина. Системот ги следи сите мобилни комуникации во комплексот“, објаснува Димитриј Литвинов, шеф на Интегрираниот центар за безбедност и додава дека центарот има 2 илјади камери, сензори за следење на биолошко загадување, како и хемиско и радиоактивно.



Сите кои што работат во центарот мора да минат медицински преглед пред секоја смена, а строги проверки на физичката подготвеност се проведуваат на секои три месеци. Речиси се во Командниот центар е строго доверливо.

Во реално време е можно да се надгледуваат воените активности на далечина од илјадници километри, а има и камери преку кои се надгледуваат на пример, сите работи околу производството на хеликоптерот Ми-27 во јужна Русија. Официрите ги следат и безбедносните системи на Крим и го следат летањето на извидничките авиони долж границата.

„Американскиот беспилотен шпионски дрон „Глобал Хок“ полета од воздухопловна база во Италија. Кога ќе дојде на 50-тина километри од нашата граница, нашите ловци ќе го пресретнат и ќе го испратат надвор од рускиот воздушен простор“, вели генералот на авијацијата Виктор Севостјанов.

Војската исто така има своја електронска мрежа како интернетот, која ги поврзува сите воени единици, а тоа овозможува брза размена на витални и доверливи информации. Во зградата на Командниот центар дневно се испраќаат и примаат и до 40 илјади електронски пораки.



Националниот команден центар не ги контролира само активностите на војската, туку со помош на суперкомпјутер предвидува како ќе се водат идните војни користејќи ги претходните воени искуства, па така одредува воена стратегија.

„Да ја земеме војната во Југославија како пример. Тоа беше голема операција на НАТО. Ангажирање на НАТО морнарицата, ракети и многу други работи - ние анализираме се. Компјутерот ни вели дека другите ситуации се 90% слични на тоа што се случи во Србија, па знаеме како да превземеме соодветни мерки“, изјави министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу.

Суперкомпјутерот може да процесира еквивалент од 850 книги во секунда, а руската војска засега користи половина од неговиот капацитет.

No comments

Powered by Blogger.