Соочување во живо: Жртвата и силувачот заедно во телевизиска емисија

Дваесет години откако Том Стрејнџер ја силувал Тордис Елву, силувачот и неговата жртва се нашле очи в очи, и тоа во телевизиска емисија.

Тордис имала 16 години кога тогашното момче Том сексуално ја злоупотребувал. Силувањето се случило во 1996 година, во нејзината куќа откако Том ја испратил после училишниот божиќен бал.

Присетувајќи се на тоа трауматично искуство, Тордис раскажала пред камерите дека во тој момент мислела дека нивната врска е бајка и дека Том е херојот кој сака удобно да ја смести во кревет. Но, бајката се претворила во хорор кога Том почнал насилно да ја соблекува облеката од неа.



„Во главата ми беше јасно што се случува, но моето тело беше премногу слабо за да се спротистави. Болката беше ужасна. Како некој да ме подели на два дела. За да останам нормална, ги броев секундите. Оттогаш знам дека два часа имаат точно 7.200 секунди“, рекла Тордис.

Том, кој тогаш бил студент на размена од Австралија, рекол дека во тоа време не го доживувал тоа како силување.

„Спомените ми се збунувачки. Пиев, не бев свесен што правам“, рекол Том.



Парот ја раскинал врската неколку дена подоцна, а Том се вратил дома во Австралија. Тордис раскажала дека и` требало време за тоа што се случило да го дефинира како силување.

„Пораснав во свет во кој ми беше кажано дека девојките кои се силувани го доживеале тоа поради некоја причина. Нивното здолниште било премногу кратко, нивната насмевка била премногу широка, пиеле алкохол. А, јас го правев сето тоа, па верував дека вината е моја“, раскажала Тордис.

Девет години подоцна, на работ на нервен слом, Тордис му пишала писмо на Том. Тие двајца почнале да се допишуваат и 16 години после немилиот настан се договориле да се видат. Местото на средбата бил Кејп Таун.



„Со години сакав да го повредам Том толку силно како што тој ме повреди мене. Но, светлината ја победи темнината... Постои надеж и после силувањето“, рекла Тордис.

Силувачот и неговата жртва неодамна заедно ја напишале книгата „Јужно од прошката“.

„Тоа што сте го направиле не мора да ја дефинира вашата суштина. Не ја потценувајте силата на зборовите. Најважно од се` е тоа што чувството на вина премина од неа на мене. Премногу често жените се тие кои чувствуваат вина поради сексуално насилство“ рекол Том.

No comments

Powered by Blogger.