Романскиот народ на нозе против корумпираните политичари: Ситуацијата ескалираше...


Во романскиот главен град Букурешт дојде до конфликт помеѓу полицијата и демонстрантите откако стотици илјади луѓе синоќа повторно излегоа на улиците во престолнината и уште неколку поголеми градови.

Револтот кај Романците расте поради тоа што тамошната влада итно издаде спорен декрет со кој што се намалуваат предвидените казни за корупција, а тоа голем број политичари од владеачката партија би можело да ги поштеди од кривично гонење.

Извикувајќи „Крадци“, во романската престолнина и неколку поголеми градови се проценува дека на улиците излегле над 300 илјади луѓе. Еден дел од демонстрантите се судриле со полицијата фрлајќи бакљи и петарди, а полицијата возвратила на тоа.

Големи протести се одржале и во останатите градови како Клуж и Темишвар, а како што може да се види на снимките, демонстрантите запалија неколку контејнери и автобски постојки.
Насобраниот народ извикувајќи „Оставка“, го искажа својот револт од измените во кривичниот закон кој го подготви владата на Сорин Гриндеану. Народот го осудува ненадејното усвојување на декретот во вторникот навечер по итна постапка, декрет кој може да ги ослободи некои политичари. Бунтот против корумпираните политичари во Романија расте од ден во ден.

Амбасадите на најголемите светски сили како што се САД, Канада, Германија и Франција во текот на вчерашниот ден објавија заедничко соопштение во кое што изразуваат „длабока загриженост“, поради спорниот декрет кој го саботира напредокот на Романија во борбата против корупцијата.

Исто така голема загриженост изрази и Европската комисија, а романската Влада се огласи само со една порака од министерот за правосудство Флорин Јордаке кој на Фејсбук порача дека тоа „не е нелегално или неморално“.



Британската новинска агенција „Ројтерс“ пренесува дека Романија е една од европските држави со највисока стапка на корупција во државната администрација и многу области од јавниот живот, при што јавните обвинители навеле дека постојат околу 2 илјади случаи на злоупотреба на власта со вкупна штета од милијарда евра во изминативе три години.

Покрај тоа, во неделата илјадници демонстранти маршираа низ Букурешт во знак на протест против најавата на романската Влада за амнестирање на илјадници затвореници. Од друга страна, романскиот премиер Сорин Гриндеану побара носење на итна одредба која што на властите ќе им овозможи да помилува затвореници по итна постапка со цел „да се намали пренатрупеноста во затворите“.


No comments

Powered by Blogger.