Најопасниот затвор во светот: Стражарите се плашат да влезат внатре

Затворот целосно е надвор од контрола и со него владеат затворениците.

Речиси две години чуварите не смееле да влезат во затворските блокови. Само десетина чувари смеат да внимаваат на околу 1.500 затвореници, а тоа значи дека бандите непречено ги користат тунелите за набавка на оружје, мобилни телефони и сè што ќе им падне на ум.



Станува збор за затворот Алкакуз кој се наоѓа во североисточниот дел на Бразил. Тој се најде во светските медиуми во средината на јануари оваа година поради смртоносните нереди во кои животите ги изгубиле 26 затвореници, а чуварите сè уште не воспоставиле целосна контрола.


„Државата ја изгуби контролата. Ги изгубивме сите згради каде што се затворениците. Тие владеат и командуваат“, рекла за АП Вилма Батиста, чуварка во затворот и претседателка на синдикатот на затворски работници во државата Рио Гранде до Норте. Алкакуз е еден од најлошите затвори во Бразил, но не е никаков исклучок. Нередите и масакрите во затворите во Бразил се речиси нормална појава, а само оваа година загинале најмалку 130 затвореници.


Батиста вели дека чуварите не влегле во некои делови од затворот уште од март 2015 година. Платите редовно им доцнат, а некои кули за надзор на затворениците се толку распаднати, што не смеат ниту да влезат во нив. Покрај тоа, само 12 чувари работат во затворот во кој се сметени повеќе од 1.500 сурови затвореници. Дури и локалните власти велат дека не можат да го спасат Алкакуз.

Тие планираат да го затворат, но дури откако ќе изградат три нови затвори во кои ќе ги сместат затворениците. Во меѓувреме, било испратено засилување задолжено за воспоставување контрола над затворениците. Дури и пред нередите кои се случиле на 14 јануари, затворениците бегале од ќелиите, а вратите ги претвориле во мачети. Стражарите само ги заклучувале одделенијата и бегале колку што можеле побрзо.


После немирите кои се случиле во јануари, стражарите уште повеќе се повлекле и им го препуштиле целиот затвор на затворениците. Тие не можеле да влезат внатре дури ни за да ги спасат повредените, туку со јажиња им спуштале носилки и ги извлекувале повредените.

Блоковите во затворот се поделени помеѓу банди, како што тоа е „нормално“ во бразилските затвори, затоа што тогаш можат да распоредат свои стражари пред вратите кои внимаваат некој да не се прикраде во текот на ноќта и да убие некој од затворениците.


Животот во бразилските затвори е неверојатно суров. Криминалните организации сè почесто војуваат поради воспоставување контрола во затворите во кои се сместени повеќе од 620.000 лица.

No comments

Powered by Blogger.