Највозбудлив од сите досега: Погледнете го финалниот трејлер за “Beauty and the Beast”


Walt Disney го објави и финалниот трелјер за играната верзија од својот анимиран класик, мјузиклот “Beauty and the Beast”. Се работи за играна адаптација на, со Оскар наградениот оригинал којшто во 1991-та година го режираа Гери Траусдејл и американскиот аниматор, сценарист и режисер Кирк Вајс.

Најновата верзија на овој мјузикл е во режија на оскаровецот Бил Кондон и е изработена според сценариото коешто го напишале грчко-американскиот сценарист Еван Спилиотопулос и американскиот новелист, сценарист и режисер, Стивен Чобски, познат по бестселерот “The Perks of Being a Wallflower”, од 1999-та година.

Филмот ни донесува реинтерпретирана верзија од приказната за една независна и млада убавица, Бел, којашто во дворецот е заробена од еден таинствен Ѕвер.

Бел овојпат ја глуми Британката Ема Вотсон, позната по улогите во филмовите за Хари Потер, додека Ѕверот го глуми англискиот актер Ден Стивенс.

Во филмот, помеѓу останатите, се појавува и велшкиот актер Лук Еванс, како згоден, но арогантен и нарцисоиден селанец Гастон, повеќекратно наградуваниот американски актер Кевин Клајн како ексцентричниот, но симпатичен татко на Бел и Џош Гад како Лефу, а последна на актерската екипа се приклучи Гугу Мбата Роу која ја игра улогата на Пламет (пердувестата четка). Во филмот ќе го препознаете и гласот на двократната оскаровка Ема Томпсон, како Госпоѓа Потс (чајникот), но ќе ги слушнете и гласовите на Еван Мекгрегор којшто му го позајмува гласот на Лумиер (свеќникот) и Ијан Мекелен којшто му го позајмува гласот на Когсворт (часовникот).


“Beauty and the Beast” е популарна бајка на француската авторка Жан-Мари Лепринс де Беамонт од 1740-та година и со себе носи силна порака за децата бидејќи Убавицата успева да ги освои добрината и вниманието на Ѕверот, и покрај неговиот застрашувачки надворешен изглед. Во новата играна верзија, чија премиера е во месец март оваа година, позадинската приказна на Бел е изменета, па таа овојпат ќе биде пронаоѓач, исто како и нејзиниот татко Морис во анимираниот филм.

Повеќекратно наградуваниот американски театарски и филмски композитор и пијанист Алан Менкен, којшто освоил и Оскар за музиката од оригиналот, овојпат компонираше и неколку нови песни, како и нови верзии од оригиналните нумери.

А овојпат, последниот трејлер ни ја претставува новата верзија на главната песна “Beauty and the Beast”, оригинално изведена од Селин Дион, а овојпат во исполнување на Ариана Гранде и Џон Леџенд.

Не пропуштајте да го погледнете финалниот трејлер на римејкот на “Beauty and the Beast” којшто порталот Mirror го нарече и највозбудлив од сите досега:

No comments

Powered by Blogger.